Блог

Нашата читателка Лела испрати прашање за тоа какви завеси да постави во својата дневна соба. Стручниот тим на Elena Luka Home, советува лесни, проѕирни завеси кои потсетуваат на скандинавски стил.

 

Почитувани,

Ви испраќам слика од мојата дневна соба. Ѕидовите се бели, останатото е во беж боја. Пороткаловиот тепих може, а и не мора да биде тука.

Моето прашање се однесува на завесите. Какви завеси би предложиле за овој прозор над радијаторот, вратата од балконот и големиот прозор?

Станот е на 8 – ми кат и има одличен поглед на Водно.

Мојот сопруг го сака овој поглед и затоа избравме големи прозорци. Секако би сакала и да ми дадете некој предлог за уредување на самата дневна соба, доколку сте во можност.

 

Срдечен поздрав,

Лела

 

Почитувана,

На фотографијата која ни ја испративте може да се каже дека имате одлична основа за еден интересен ентериер, но пред се сакаме да ги наведеме позитивните и негативните страни на ентериерот.

Позитивна страна на ентериерот

Позитивната страна се секако големите прозорци кои освен тоа што овозможуваат прекрасен поглед, го прават ентериерот светол. Тоа што исто така допринесува за овој ентериер е непограшливата комбинација на бели ѕидови и светол дрвен паркет.

Предлог за ситни измени

Мебелот во дневната соба прилично е едноставен, што е позитивно за помала површина на просторијата.

Сепак, она што можеме да забележиме се различните видови и бои на дрвото користени за изработка на мебелот. Доколку не размислувате за замена на мебелот, можете да ги обоите парчињата кои не се совпаѓаат со останатите, во боја по ваш избор.

Портокаловиот тепих е преголем со оглед на големината да дневната соба, затоа Ве советуваме да го отстраните и да одберете тепих со помали димензии во некоја неутрална боја. Фокусот ставете го на троседот и додадете декоративни перници во разни бои.

Нашиот совет е за време на преуредувањето на ентериерот да се инспирирате од скандинавскиот стил. Овој стил се карактеризира со едноставност и свежина. Значи, држете се до светлите палети на бои и максимално внимание посветете на детлите.

Изберете лесни завеси

Што се однесува на завесите, Ви препорачуваме лесни, светли завеси, еднобојни или со едноставна шара.

 

Ваши,

Elena Luka Home

 

*Поставете прашање или побарајте совет за уредување на ентериерот во Вашиот дом или работно место користејќи ја контакт формата подолу на страницата.