Блог

Многумина како деца фантазирале дека кога ќе пораснат ќе станат архитекти и ќе го проектираат својот совршен дом.

Детскиот сон станал јаве за брачниот пар, познатите архитекти Патриција и Мајкл Хопкинс. Тие двајца во 1976 – та ја отвориле својата компанија Architectural Practice, а првиот проект кој го направиле заедно е нивната семејна куќа во Лондон.

Куќата наречена The Hopkins House е вистински пример на раната hi – tech архитектура. Типично за овој архитектонски правец, структурата на зградата е видлива од надвор и внатре, а ја сочинуваат бетонски блокови, метални греди и стаклен ѕид со поглед на градината.

The Hopkins House има две нивоа, а до влезот на првото ниво се доаѓа преку подвижен мост. Гледано од улицата, од перспективата на мостот, се чини дек зградата има само еден, а не два ката.

Оваа двокатница е дизајнирана со две намени – како дом за брачниот пар и нивните три деца, но и како канцелариски простор. Наспроти стандрадните норми, ентериерот не е поделен на работен и дневен дел. Всушност, целата внатрешност на куќата се разграничува со неколку пластични панели прекриени со меламин. Панелите ги делат приватните простории како тоалетот и спалните соби, додека остатокот од просторот е потполно отворен и видлив однадвор.

Скоро цела деценија, нивната куќа служела како седиште на нивната артхитектонска фирма. Кога обемот на работа ја „надрасна“ големината на просторот, канцелариите биле преместени. Сепак, оваа hi – tech двокатница и понатаму е симбол на компанијата Architectural Practice и клиентите со задоволство ја посетуваат.