Блог

Не мора да го реновирате целиот Ваш дом за да ја внесете елегантната еклектика на париските ентериери. Високите тавани и француските прозорци не можеме да ги изведеме во нашиот стан, но има неколку едноставни трикови кои ќе ја доловат таа ноншалантна естетика (која толку добро изгледа на Инстаграм фотките).

Побарајте инспирација на: #parisapartment, #frenchinteriors

Скролајки низ постовите со овие хаштази, може да забележиме дека речиси сите париски апартмани имаат шеврон паркети, штукатури, необарокни или empire камини, рококо комоди, импозантни лустери и позлатени огледала. Како да ја внесете оваа атмосфера во Вашиот дом, без да рушите и да почнете од нула?

Таванот не можете да го направите повисок, но визуелно може да го издолжите доколку завесите паѓаат од горе (од таванот) до долу, a малкусе  набрани во долниот дел. Завесите ќе изгледаат поелегантно ако се од природен материјал и во неутрален тон.

Една од најпознатите парижанки Коко Шанел има изјавено ,,Пред да излезете од дома, погледнете се во огледало и извадете еден додаток’’. Тоа треба да го примените и во Вашиот дом кога се работи за деталите – не претерувајте со кичастите антиквитети, уметничките додатоци, огледала и лустери.
На пример, ретро огледалото може да го искомбинирате со современи тела за осветлување, доколку имате камин во необарокен стил ставете фотографии во едноставни модерни рамки. Секогаш водете се по премисата – повеќе е помалку.

processed6

Штукатурите во моментов се голем тренд во внатрешното уредување. За да не делуваат нападно, париските ѕидови се вообичаено во неутрални нијанси, при што statement парчињата како впечатлив лустер, уметничко дело или мебел доаѓаат до израз, а просторот изгледа поголем.

Париз е градот на светлината, па затоа треба да имате повеќе светлина. Тоа може да го направите со интересни лустери кои ќе имаат и декоративна функција – како лебдечки скулптури, подни или собни лампи за да создадете амбиентално осветлување. Додадете и свеќи за романтично расположение.

Кога го декорирате Вашиот дома секогаш треба да го имате на ум Вашиот начин на живот. Дали имате миленичиња кои излегуваат надвор, а потоа во валкани шепи рипаат по мебелот? Дали често имате гости на вечера со богато поставена маса или организирате забави со поголем број на луѓе (иако оваа активност е ставена на пауза во моментов)? Дали Ви е потребен простор за вежбање или преферирате да читате во слободно време (дали Ви е потребно додатно осветлување)?
А тоа што навистина ќе го пренесе парискиот дух е Вашата љубов кон уметничките дела, книжевноста, модата и филозофијата.

Author: maja.avramcevska