07
Mar

Elena Luka Home на Меѓународен саем за керамика, бањи и кујни

[stm_post_info]

UNICERA, ISTANBUL

28-ми Меѓународен саем за керамика, бањи и кујни

Дел од тимот на Elena Luka Home, беше во посета на UNICERA – Саем за керамика, бањи и кујни, Истанбул, Турција , во период од 23-27 Февруари 2016 година, лоциран во  TUYAP Fair, Центар за саеми, конгреси и конвенции. Саемот е организиран од страна на Tüyap Fairs and Exhibitions Organization Inc.

Концептот на саемот е да биде меѓу најголемите, денес втор по големина саем во претставување на индустријата за керамика и бањи. На саемот се среќаваат голем број на производи од керамика, бањи и кујни, аксесоари, опрема и технологии на производство на керамика. Почетокот на овој саем датира од 1987 година и се организира на годишно ниво.

Профилот на изложувачите се производители, извозници и мал дел на увозници. Изложувачите на саемот презентираат подни и ѕидни облоги, производи и аксесоари за бањи, опрема за сауни и бањи, технологија на обработка на керамика, производи и додатоци за кујни, софтвери и производи за безбедност при работа. Профилот на посетители се: архитекти инженери, архитекти кои се занимаваат со дизајн, декор, индустриски дизајн, изведувачи, градежни инженери, градежни и проектантски компании, интернационални увозни и извозни компании, компании за производство на материјали, претставници на хотели, универзитети, шопинг центри, производствени компании.

Мотивацијата за учество на саемот може да се дефинира преку позитивните резултатите кои се постигнати во текот на годините. Причините за изложување на саемот на многу компании и пред да стане втор по големина саем на просторот на Европа се: можноста за маркетинг на брендот,  прикажување на палетата на производи, претставување на производите низ проекти изведени во Турција, Европа и азиски земји. Претставување и јакнење на брендот преку презентирање на проект менаџери, посетители од областа на архитектура, градежништво и производство. Споредба и согледување на позицијата на брендот во однос на конкурентните изложувачи. Овој саем исто така е идеален простор за презентирање на производите и технологијата на дистрибутери и комерцијалните истражувачи и аналитичари.

Статусот за саемот од 2016 година се карактеризира со 357 компании од 19 земји, од кои 76 се интернационални компании и посетеност од речиси 68.000 посетители од 99 држави. Површината на која се простира саемот е 98.000 m2, организирани во 10 хали со различна големина меѓусебно поврзани. Посетеноста на саемот од страна на посетители од надворешни земји од 2012 до 2015 е порасната за цели 60,4% и тоа најмногу од следните десет земји: Бугарија, Грузија, Германија, Грција, Иран, Ирак, Италија, Македонија, Русија и Србија. Очекувањата за посетеност на овогодинешниот саем се еднакви или уште поголеми од претходниот.

Саемот опфаќа и програма на настани на тема искуството на технологијата во архитектурата, предавање на познавачи на одредени области на производство, презентирање на проекти и студиски проекти.

Целта и очекувањата на посетителите на саемот е да ги погледнат и запознаат новите производи и технологии, да се стекнат со технички информации, детали, цени, да се испита конкурентноста, да се добие понуда, да се направи нарачка и во најдобар случај да се стане дистрибутер на некој производ од саемот.

Производи на саемот се:

  • Подни и ѕидни облоги
  • Елементи и додатоци за опремување на бањи
  • Кујнски елементи и аксесоари
  • Технологии на производство и обработка на керамика и дополнителни производи
  • Пакување, складирање и логистика
  • Останато: софтвери, дизајн, публикации, заштита при работа и слично.

Учесниците на саемот ги презентираат производите на сопствени пунктови, на претходно дефинирана позиција и површина за кои се подготвува организационо и ентериерно решение. Во главно изложбените пунктови се со различна површина во зависност од палетата на производи. Голем дел од штандовите содржат и сопствени кафе-барови, каде се угостуваат посетителите и се вршат разговори, се презентираат производи и во најдобар случај се дефинира професионална соработка. Секој штанд има уникатен дизајн како на влезен дел така и на форма, патека на движење и начин на согледување на целата поставка. Дизајнот на штандот е во релација со формата и поставеноста на елементите е во согласност со визурите како најдобро би се доживеал амбиентот. Формата на излагање е изведена на најразлични начини и тоа: панели, поставки, мултимедија, предавања…

Дизајнот на секој штанд покрај групата на производи кои ја нуди, дополнет е со мебел, опрема, детали, декоративни додатоци, се со цел комплетно да се долови амбиентот во кој ќе се вгради понудениот производ. Голем дел од производителите на ѕидни облоги имаат комплетен дневен престој во кој е презентирана употреба на порцеланска, гранитна или мермерна плочка како облога на ѕид, на тој начин е прикажана дури и спална соба.

Тоа што треба посебно да се нагласи од оваа посета на саемот е непостоење на граници во однос на простории во кои се користат плочките – дневни, салони, спални соби, работни соби, нивните димензии, начинот на поставување, надоврзувањето согласно дизајнот на плочките, посебно кога се користи мермерна плочка. Технологијата на производство, обработка и користење дава целосна слобода во ентериерните решенија.

Со цел да се обезбеди лесна видливост за големиот број на посетители на ѕидните и подните облоги, обезбедени се панели и простори со поголеми димензии , каде се поставуваат само неколку декоративни елементи кои ќе ја потенцираат убавината, декорот и бојата на облагањата.

Исто треба да се посочи на обогатувањето на бањите со мебел, се напушта рамката на само неопходна опрема. Се јавуваат плакари, плотни врз кои се поставуваат мијалници, осветлувањето се решава како посебна позиција. Опремата за бањи, када, туш кабина, мијалник, моноблок е понудена во најразлични форми, големини, материјали, бои. Исто се случува и со батериите, усовршување низ спој на технологија и дизајн, транспарентни батерии, видливо движење на водата, тек низ линиски процепи и слично се дел од тоа што е претставено на саемот

UNICERA 1

HITIT SERAMIK

Производител на ѕидни и подни плочки

 

UNICERA 2

DECOVITA

Покрај порцелански плочки, голем избор на мермени ѕидни и подни плочки

 

UNICERA 3

SERRA SERAMIK

Производител на ѕидни и подни плочки.

Неизоставен елемент на штандовите се и дизајнерски парчиња кои ја потенцираат моќта на идејата за ѕидното облагање на просторот. Тоа е прикажано преку врамени простори, решени како една композиција од форма, поле, текстура  и боја.

 

UNICERA_4

NG I KUTAHYA Seramik

Производител на ѕидни и подни облоги, дадоа посебен печат на саемот со невобичаени димезии на плочките, ги прошириа границите на форма, големина и начин на поставување на плочките.

Овој штанд се запамети по големите димензии и површини, како со своите производи, така и по самата зафатнина на штандот, простран, вметнато зеленило, бар со голем капацитет, високо поставена плафонска конструкција и слично.

 

UNICERA_5

GRANISER Seramik

Ѕидни и подни облоги, карактеристична текстура на текстил, дрво и слично.

 

UNICERA_6

PENTA Banyo Keyfi

Производител на батерии за бањи, еден од најспецифичните штандови и најоригинален начин на презентација на производите.

Овој штанд, покрај материјалите кои ги имаа искористено за организирање на штандот беа единствени кои имаа  музички бенд, формиран од неколку изведувачи. Но озвучувањето на бендот е само за штандот, поприлично тивко, бидејќи концептот на организација на саемот е да не се пречи и наметнува еден штанд на друг.

Со исклучок на површината и позицијата кој ја избираат и закупуваат компаниите, саемските хали нудат подеднаков квалитет на секој дел од халата. Лесна пристапност до секој штанд, скоро еднаква видливост, простор за излагање, обезбеденост на довод на инсталации, одлична вентилираност, без бучава  и слично. Тоа се квалитетите на Саем Tuyap, поради што и е меѓу најголемите саемски комплекси во Турција и е исполнет со настани скоро преку целата година.

 

UNICERA_7

USAK Seramik

Производител на плочки, посебен акцент на декоративни плочки.

Баровите и кафетериите се во голема мера изработени од материјалите кои ги нуди самиот производител. Тие исто така се дел од целата поставка, а често тоа се и главните носители на презентацијата на производите. Презентирана е употребата и широките можности на вградување, декорирање и оплеменување на просторот низ подни и ѕидни обложни елементи.

Оформувањето, дизајнот, изведбата на штандовите целосно одговорија на светските трендови на простори за изложување. Водени пред се од трендот на индустриски дизајн, користени се и материјали кои го пратат трендот, челик, дрво, бетон, типот на обработка на подови – хомогеност на површината, формирани се отворени широки ненаметливи простори, нагласена е функционалноста на секој елемент, во дел од штандовите тоа е нагласено и преки бои и нивна комбинираност. Начинот на осветлување како позиција на штандовите е целосно индустриско решение, водено од едноставност и функционалност.

Секако, на ниеден штанд не е заборавено и зеленилото, без разлика на степенот до кој е користено. Било да е низ мали декоративни растенија, зеленило на плафонска конструкција, зелени површини како полиња или меѓу патеки, декоративни дрвца поставени на под или некои парапетни елементи, саемскиот простор дава впечаток на пријатен простор во кој нема чувство дека се наоѓате во затворен простор, хала.

 

UNICERA_8

YURTBAY Seramik

Производител на плочки и ѕидни обложни панели

Штанд кој нуди разновидност на дизајн, односно отвореност на штандот на неколку страни и секоја една нуди единствен дизајн, т.е. непрепознатливост дека станува збор за еден ист штанд. Внатрешниот дизајн јасно ја дава сликата за квалитетот и големината на компанијата, широката палета на производи и можноста за нивна употреба.

 

UNICERA_9

KALE, Kalebodur

Една од најголемите производители на подни и ѕидни облоги, и целосна опрема за бањи.

Согласно со рангот на самата компанија, штандот е еден од најголемите, богато опремен и секако иновативен во однос на дизајн на производите. Kale покрај квалитет и дизајн, на овој саем понуди плочки со нестандардни димензии и форма. Посебно внимание привлекуваа шестоаголните плочки кои ги има во огромен избор на бои и мозаични обработки. Да не се изостави и изборот на плочките со тродимензионална обработка.

 

UNICERA_10

GRANTO GIRARTO, GRANTO RINO

Производител на плочки, еден од најголемите и најскапите штандови на саемот, целосно независна конструкција само за дефинирање на границите на штандот.

Низ разговорот со еден од презентерите на штандот на Granto Girarto, како  податок беше изнесено дека дел од изложениот материјал е за прв пат претставен на саемот и во зависност од оценките кои ќе ги добие ќе зависи дали ќе премине во фаза на производство. За дизајнирање на нови производи и подготовка за саем од организација на тип до осмислување на штанд потребен бил период од скоро година. Тоа ги наведува да размислуваат за организација на овој саем на секои две години, а не на годишно ниво како што е до сега.

Иако овој саем во главно е посетен од претставници на компании, неговото посетување би било уживање за секој еден човек. Организацијата, функционирањето, изложените производи, претставниците на изложувачите, одговорните на секој штанд го прават овој саем прифатлив за секој профил на посетител.

Надградувањето на професионално ниво во однос на технологии на производство, материјали, обработка, дизајн, маркетинг, економија и слично во текот на тие пет денови е одлична можност.

 

Нашиот тим беше составен од архитект, комерцијалист, и менаџер асистент и саемот беше незаборавно искуство за секој еден поединечно и секој подеднакво се пронајде низ она што беше понудено. Како тим ќе се стремиме преку нашите проекти да бидеме еднакви во однос на квалитет и дизајн на компаниите на саемот. Ќе се обезбедат и некои соработки во блиска иднина бидејќи профилот на нашата компанија и големината на проектите кои ги работиме е примамлива можност за изложувачите.

Посетата на саемот беше на големо задоволство на тимот, но пред се голема благодарност до нашата компанија која ја овозможи посетата и е отворена за надградување и паралелно растење со европските и светски трендови.

Чест е да се биде дел од Тимот на Elena Luka Home.

[stm_post_tags]
[stm_share code=”JTNDc3BhbiUyMGNsYXNzJTNEJTI3c3RfZmFjZWJvb2tfbGFyZ2UlMjclMjBkaXNwbGF5VGV4dCUzRCUyNyUyNyUzRSUzQyUyRnNwYW4lM0UlMEElM0NzcGFuJTIwY2xhc3MlM0QlMjdzdF90d2l0dGVyX2xhcmdlJTI3JTIwZGlzcGxheVRleHQlM0QlMjclMjclM0UlM0MlMkZzcGFuJTNFJTBBJTNDc3BhbiUyMGNsYXNzJTNEJTI3c3RfZ29vZ2xlcGx1c19sYXJnZSUyNyUyMGRpc3BsYXlUZXh0JTNEJTI3JTI3JTNFJTNDJTJGc3BhbiUzRSUwQSUzQ3NwYW4lMjBjbGFzcyUzRCUyN3N0X3NoYXJldGhpc19sYXJnZSUyNyUyMGRpc3BsYXlUZXh0JTNEJTI3JTI3JTNFJTNDJTJGc3BhbiUzRQ==”]
[stm_post_author_box css=”.vc_custom_1430549306597{margin-bottom: 50px !important;}”]
[stm_sidebar sidebar=”790″ code=”790″]