Совршен дом за љубители на книгата
Шпанската архитектонска компанија „Egue y Seta“ ја трансформирала стара куќа во Мадрид од средината на минатиот век, во модерен дом за млад пар со деца. Архитектите го направиле овој единствен ентериер, подредувајќи го кон огромна љубов која сопствениците ја негуваат кон книгата. Компанијата симболично го нарекла овој проект „Живот во приказна“.
Голема стаклена врата која води кон пространата дневна соба е сместена во срцето на куќата. Триесет вертикални квадратни метри исполнети со книги од познати автори уредно поставени на дрвените полици кои некогаш ги осветлувале ѕидовите на некогашниот сопственик на домот.
Сопствениците можат да уживаат во книгите удобно сместени во наслони од 50 – те години или пространа кожна софа со боја на коњак, а кога ќе се отвори апетитот по неколку прочитани поглавја, тука е импресивната трпезариска маса, спасена од руинирана француска фарма од 19 век.
Дискретно одвоена од дневната соба, неколку чекори понатаму се наоѓа и практичната кујна. Белината на просторот совршено се комбинира со топла текстура на дрвото од која се направени елементите и мала трпезариска маса.
Планот на приземјето е комплетиран со мала работна соба и тоалет за гостите на кој ѕидовите и подот се обложени со микроцемент.
На првиот спрат е сместена и главната соба и бањата за родителите. На другиот крај од спратот е сместена и детската соба со дрвен кревет на кат, изработен по нарачка како и бањата за деца.
На вториот спрат се наоѓа и просторија за одмор, читање или дружење, кои по потреба се трансформираат во гостинска соба. Полицата за книги од подот до таванот ја исполнува просторијата, а мрежестата лежалка претставува идеално место за опуштање со книга. На овој кат се наоѓа и бањата за гостите додека просторијата за спиење е сместена во галеријата.