Нежно и романтично е повторно во тренд
За боја на годината што стартуваше официјално е одбрана PANTONE 13-1023 Peach Fuzz, што во превод би значело нијанса помеѓу бојата на праската и пудрата.
Токму оваа нежна и романтична боја ќе доминира во модата, но и во уредувањето на ентериери во 2024-та. Одлуката е донесена од страна на светскиот Институт за боја Pantone којшто по внимателни анализи секоја година одбира нијанса што ќе ја одбележи.
Во 2023-та тоа беше силната Viva Magenta, за годинава да дојде до израз прилично помека и посензуална боја.
Peach Fuzz ја опишуваат како софистициран допир на праска со доза на винтиџ шарм – не потсетува на минатото, но е преобликувана во современ амбиент. Со себе носи спокој, а токму тоа ни е потребно во ова стресно и немирно време.
Топлината на Peach Fuzz не потсетува дека најважно од се е нашето здравје, издржливоста и силата коишто ни се потребни за да можеме квалитетно да го живееме животот.
Бојата која што Институтот ја одбра за годинава треба да ја покаже нашата желба да бидеме блиску до оние кои ги сакаме, но и радоста што ја чувствуваме во моментите кога сме сами, во тишината.
За оваа нијанса може да се каже дека е визуелно атрактивна и привлечна за сечие око, што пак не поттикнува да ја пружиме нашата поддршка, нашиот допир и да посакаме да се стуткаме во топлината на домот со најблиските.
Присутноста на нежно романтичната Peach Fuzz во ентериерите ќе создаде атмосфера на добредојде за секого. Без разлика дали ќе се појави како боја на ѕид, на декорации или на мебел, нијансата ќе ни го даде оној потребен мир во нашиот личен свет.