21
Mar

5 ПРОЛЕТНИ ТРЕНДОВИ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ДОМОТ

Бидејќи веќе календарски навлеговме во пролетта, нашите архитекти издвоија ТОП 5 трендови за пролетно уредување на вашиот дом, со што можеби ќе ве инспирираме да направите некоја промена која позитивно ќе влијае на вашето секојдневие.

Мала инвестиција со голем ефект – домашна цветна градина

Домашната цветна градина не е само тренд, туку нејзиното одржување подразбира животен стил кој секако придонесува за квалитетот на вашето секојдневие. Одберете цвеќиња што лесно може да се прилагодат во вашето опкружување, во однос на количината на природна светлина или во однос на тоа колку време може да им посветите. Засадете ги во саксии кои што и естетски ќе ја надополнат приказната на вашиот дом, со што покрај функционалната ќе имаат и декоративна улога.

Домашната канцеларија е новото омилено катче

Современиот начин на живот диктира можности за нови професии и нови принципи на работа. Голем дел од вас веќе имаат можност за „работа од дома“, па затоа уредувањето на работното катче во домот е од исклучително значење за вашата продуктивност. Покрај тоа што ова катче треба да биде функционално, истовремено треба да биде и инспиративно за работа. Затоа прво одберете удобен стол за седење, прилагодете оптимално светло и додадете рамки со вашите омилени фотографии или постери со инспиративни и мотивирачки пораки.

Игра со природна светлина

Природната сончева светлина може да направи магија во вашиот дом. Доколку имате можност, размислувајте за големи прозорци кои би обезбедиле доволно количина природна светлина преку ден или огледала кои ќе ги рефлектираат сончевите зраци.

Впечатливи бои и форми во модерен уметнички ентериер

Доколку сакате да експериментирате со бои и форми, па и да додадете артистичен дух во вашето секојдневно опкружување, тоа едноставно може да го направите преку детали во интензивни бои или со впечатливи дезени.  Колоритните игри во ентериерот се тренд што доаѓа заедно со оваа пролет.

Огледала со неправилни форми

Огледалата се секогаш добредојдени кога е уредувањето на внатрешниот простор во прашање. Оваа сезона како тренд се издвојуваат оние со неправилни форми.

„Несовршенството“ во формата може да биде совршен детаљ во вашиот дом.