Елка од два милиони долари
Сакате ли да ги импресионирате своите деца за празниците? Еден токиски бутик ја има вистинската работа за вас, ако имате околу два милиони долари повеќе…
Златарницата „Ginza Tanaka“ оваа празнична сезона посака да ги собори сите рекорди со својата елка која е висока два метра, направена од жица од чисто злато. Овој бутик во познатата област Гинза во Токио за својата елка вели дека е тешка 19 килограми и дека е направена од 1.200 метри златна жица.
„Жицата се прави од најфиното и најчисто злато“, вели менаџерот на бутикот, Такахиро Ито. Тој исто така вели дека елката е дело на нивниот златар, а нејзината цена е 200 милиони јени, односно два милиони долари.
Иако веројатно тешко ќе пронајдат купец за оваа елка, Ито вели дека тој се надева дека таа ќе биде вистински пример за јапонската квалитетна, беспрекорна, педантна и вредна уметност, за која ќе чуе целиот свет. „Сакаме целиот свет да ја види нашата одлична техника и умешност, комбинирана со светликавата убавина на златото“, рече Ито.