Водич за скандинавски стил во вашиот простор
Скандинавскиот стил го дефинираат три главни карактеристики: функционалност, едноставност и убавина.
Она што ни се допаѓа кај овој стил е фокусот на светлината и природните материјали, како и тоа што одлично се интегрира и одговара на малите простори во кои повеќето од нас живеат. Kако и многу стилови, така и скандинавскиот еволуираше низ годините. Сепак постојат одредени клучни детали со кои можете да го остварите овој стил во просторот.
Светол под
Вистинскиот скандинавски ентериер има светол под, а обично е од дрво или дрвен декор (ако станува збор за ламинат). Бидејќи во скандинавските земји сонцето заоѓа порано – светлите подови допринесуваат просторијата да биде доволно светла. За чувство на топлина – се додава тепих со интересен дезен и/или бои.
Бели ѕидови
Ако побарате на интернет слики од ентериери во скандинавски стил секогаш ќе пронајдете простори со бели ѕидови.
Поради недостаток на дневната светлина во овие северни краеви, подовите и ѕидовите се многу светли. Ова е добра вест за оние кои сакаат да заштедат на боја за ѕидови – сите знаеме дека белата е најевтина боја за ѕид. Ако нема потреба од корекција на ѕидот, можете и сами да ги обите ѕидовите. Доколку сакате малку динамика во просторот – скандинавскиот стил дозволува додавање на светло сина или зелена боја, во вид на стакло или еден ѕид во просторијата. Исто така можете да употребите и тапети.
Функционален дизајн
Кога разгледувате фотографии во каталог од простории уредени во скандинавски стил, имате ли чувство на топла „домашна“ атмосфера, за разлика од другите каталози за мебел? Тоа е така затоа што скандинавските домови никогаш не се совршено дизајнирани и секогаш се нагласува практичноста и функционалноста.
Едноставен мебел
Изберете столчиња со криволиниски дизајн со задолжителни дрвени детали, маси од дрво – масивно или во стилот на 50 – тите и 60 – тите. Тапацираниот мебел треба да биде од мек текстил, не се употребува кожа (вистинска или вештачка) и често се поставува на дрвени ногарки (повторно во ретро стил).
Кога станува збор за дрвените делови на мебелот или мебел од плочест материјал – изберете светло дрвени декори (како што се јасен, бука, даб…)
Декор со стил
Ако вашиот дом изгледа празно без декорација – Вие сте на вистинското место. Во основа, декорирањето на просторот во скандинавски стил доаѓа со употреба на декорации, а не со мебел, разнобојни ѕидови и шарени материјали. Добар пример за скандинавски декор се интересните лустери, врамени црно – бели фотографии, разнобојни перничиња, вази од стакло во разни бои или бела керамика и интересни свеќници.
„Облечени“ прозорци
На прозорците треба да гледате како на „фокус точка“ за едноставно дизајниран скандинавски простор. Поставете даски под прозорците и декорирајте ги. Завесите треба да бидат едноставни, до подот, а избегнувајте венецијанери или ролетни…
Природни елементи
Скандинавците сакаат да бидат надвор. Затоа, внесете во Вашиот ентериер што повеќе природа во вид на билки, зеленила, многу дрвени елементи, рециклирани стаклени тегли наместо вазни – за „eco – friendly“ допир.