Прашајте ја Elena Luka Home – Успешно дизајниран ентериер во вашата ординација
Нашиот тим овојпат доби прашање од Зоран Ј. во врска со уредување на чекална во својата нова стоматолошка ординација.
Содржина на пораката:
Би сакал да се консултирам со вас околу дентална ординација и трендовско уредување на чекална. Ви испраќам неколку фотографии за да ми дадете идеја. На границата помеѓу чекалната и ординацијата би сакал да има приемен пулт со стакло и би сакал тоа да биде изведено луксузо и модерно. Чекалната е отприлика 18м2. Боите кои би ги сакал се бела, сива и тиркизна.
Совети и идеи:
Чекална – место каде пациентите поминуваат голем дел од времето. Оваа просторија е исто така нивниот прв впечаток за Вашиот бизнис. Како ќе изгледа чекалната и уште поважно – како ќе се чувствуваат пацинетите во неа, може да Ви помогне да се здобиете со нивната доверба и нивното искуство да биде позитивно.
Целта е да се создаде место каде што пациентите и посетителите би се чувствувале удобно и нивното време ќе биде ценето. Тука се работи повеќе на пристапот „грижа за клиентите“.
Во продолжение ќе ви дадеме неколку предлози за тоа како да ја уредите Вашата чекална, следејќи ги денешните трендови и потреби на сегашните и потенцијални клиенти.
Вистинските професионалци за уредување на ваков тип на простор би ви кажале: Искуството е тоа што е важно!
- Направете го чекањето полесно
Да се чека е тешко и досадно, без разлика дали чекате за себе или му правите друштво на некој близок. Најдобрите соби за чекање им помагаат на оние нетрпеливите пациенти да најдат начин да се занимаваат. На пример, доколку Вашите пациенти се зафатени бизнисмени, можете да поставите Wi-Fi, како и простор за работа на компјутер. Доколку меѓу Вашите клиенти има родители со деца, можеби добра идеја би било да имате дел за играње или масички за цртање. Голем број на студии покажуваат дека повеќето луѓе сакаат да читаат, работат или да го користат својот телефон во чекална, затоа доколку имате избор помеѓу телевизор и Wi-FI, изберете Wi-Fi!
- Поделба на просторот
Времето на неудобни столици одамна помина. Новите чекални сега се одвоени во делови, каде што пациентите можат да го изберат начинот на кој би сакале да чекаат. Размислете за мала кафетерија. Или може да поставите пар удобни столици со мала масичка во агол, долга маса со приклучоци за електронски уреди (лаптоп, телефон) или маси со четири столчиња за семејства. Користете прегради за да ги одвоите тивките работни простори од оние за играње или ТВ зоната. Напомена: Секогаш имајте на ум дека би требало да имате столици со различни големини, за различни луѓе.
- Дозволете им на Вашите пациенти да видат подалеку
Кога не знаеме што се случува позади вратите, чекањето поминато прашувајќи се може да биде навистина фрустрирачко и создава нетрпение. Некои медицински прдинации користат стаклени врати за да ја одвојат собата за чекање, така што пациентите постојано можат да видат што се случува и да ги гледаат вработените како влегуваат и излегуваат. Самата раздвиженост на вработените дава чувство на сигурност дека набрзо би требало да дојде нивниот ред.
- Технологијата е добра, но не дозволувајте да се изгуби човечкиот однос
Од голема важност е и контактот со човечко суштество веднаш штом ќе влезете во ординацијата. Затоа поставувањето на пулт за прием на пациентите е секогаш одлична идеја. Исто така бидете сигурни дека секогаш ги имате најновите весници и магазини за читање, а во позадината би било одлично да пуштите тивка, пријатна, смирувачка музика.
- Избор на бои
Боите на мебелот, како и боите на ѕидовите имаат директен ефект на тоа како се чувствуваат Вашите пациенти. Со оглед на тоа дека тука се работи за чекална за стоматолшка ординација, можеби би сакале да изберете смирувачки бои како зелената и сината со малку розева која означува сочуство. Сината зрачи со искреност, лојалност и сигурност, додека зелената е смирувачка. Кога станува збор за чекална, изберете мека сино – зелена боја која помага при правење на одлуки. Внимавајте да не употребите жолта или црвена. Овие бои создаваат анксиозност и агресија. Доколку поставите пулт за прием на пациентите би било одлично тој да биде изаботен од стакло или комбонација на дрво и стакло. Препорачливо е стаклото да биде во мека сино – зелена (тиркизна) боја за да се вклопи со целиот ентериер.