Блог

Кога сте архитект, па уште и креирате простор за себе и своето семејство, тогаш резултатот најчесто е извонредно креативен. Ова е случај и со ентериерот кој е инспириран од јапонскиот минимализам и се наоѓа во Украина.

Архитектот Сергеј Макно сакал единствен и уникате простор, а бидејќи бил импресиониран од јапонската култура уште од детството, оваа земја го инспирирала да создаде фантастично засолниште за своите најблиски и себеси. На ум имал комфорен и релаксирачки ентериер во природни тонови, за додека чекорите низ станот да евоцира медитативна атмосфера.

Мора да признаеме дека успеал во сето она што го наумил. Земјените и топли тонови во комбинација со моќните растенија креирале еден совршен дизајн.

На главниот кат потполно се отстранети ѕидовите за да се постигне отворен план на просторот со кујна, трепезарија и дневна соба.

Во ентериерот доминираат четирите елементи – ѕидовите од глина се земјени, изгореното уметничко дело е огнен елемент, сликата со океан е воден и отворениот простор е воздушен елемент. На тој начин архитектот се трудел да постигне баланс во ентериерот.

Ѕидовите се прекриени со природна глина која е нанесена со употреба на посебна стара техника која некогаш се користела во украинските домови.

Овој фантастичен дом поседува посебен гардеробер во кој се сместени сите парчиња облека, па ентериерот е ослободен од дополнителните плакари и шкафови.

Бањата е одвоена со стаклен ѕид од спалната соба, а ист таков ѕид ја одвојува бањата од релаксирачката пространа тераса, па од кадата има одличен поглед на градот.

Поголемиот дел од мебелот го исработил самиот архитект, како лампите, столчињара, вклучувајќи ги и софите.

Резултатот е ентериер со позитивна енергија која повикува на опуштање и релаксација.

Терасата исто така е уредена во минималистички стил и потсетува на јапонска градина. Одовде станарите можат да уживаат во погледот на осветлувањето на големиот град.

Кујната е ослободена од непотребни детали и одлично стилски се вклопува со целокупната шема на бои и дизајн.