Улична уметност пресликана на мебел
Не постојат многу работи кои предизвикуваат толку многу спротивставени мислења како графитите. За некои тие се чист вандализам, за други форма на уметност. Вистината е некаде помеѓу – има шкртаници кои навистина не се убави и ја уништуваат околината, но во уличната уметност сокриени се вистински ремек дела на модерното време, кои воодушевуваат со својата убавина, неверојатни дизајни. Графитите најчесто служат како повик за освестување на јавноста (како оние на Бенкси).
Во последно време графитите од улицата се преселиле на невообичаено место – ентериерот каде се појавуваат во најразлични форми и облици. Сè што ќе ви падне на памет може да биде украсено со графит, од ѕидовите до табуретките. Поврзаноста е често неверојатна – мебел со класичен дизајн комбиниран со поп – арт, софа испрскана со боја, фотелја исцртана со геометриски облици.
За оние кои сакаат да го испробаат новиот тренд, доволно е и едно парче мебел отсликано со графит и целата соба ќе добие нова, креативна нота. За оние доволно храбрите, целата просторија може да стане изложбен простор за графити. Притоа, стиловите воопшто не мора да бидат усогласени, бидејќи убавината на графитите е всушност токму во тоа.
Доколку идејата за мебел со графит ви звучи примамливо, но истовремено и премногу екстравагантно за вашиот вкус, можете да купите комода или гардеробер кои се исцртани однатре. На тој начин ќе добиете приватна урбана галерија само за вашите очи.
Убавината на овој дизајн е во тоа што можете лично да се тестирате себеси во неговот креирање. Интернетот е преплавен со идеи и туторијали за тоа како од стар гардеробер да направите свое уметничко дело. На вас останува да бидете доволно храбри и да пробате!