Концертната сала „Harpa“ – архитектонско ремек дело
Во Рејкјавик, Исланд, сместена помеѓу копно и море, стои една градба со стаклена фасада која ги рефлектира небото и пристаништето. Запознајте ја концертната сала „Harpa“.
Концертната сала „Harpa“ се наоѓа на место од кое има јасен поглед кон морето и планините кои го опкружуваат Рејкјавик. На простор од 28.000 метри кватратни, ова градба располага со четири сали и простор позади нив, кој е составен од канцеларии, сали за проби и соблекувални. Трите сали се наоѓаат една до друга, додека четвртата е повеќенаменска и се наоѓа на четвртиот спрат од зградата.
Салите имаат облик на планински масив и создаваат контраст на експресивната и отворена фасада. Најголемата од четирите сали во зградата, главната концертна сала, има црвен и топол ентериер.
„Harpa“ е дел од проектот за развој на Рејкјавик, поточно источното пристаниште во градот. Главна цел на проектот е да се заживее оваа област од градот и да се направи подобра поврзаност помеѓу центарот и пристаништето. Оваа градба со својот визуелен изглед, ги привлекува посетителите во оваа изолирана локација. Фасадата со светлечките ефекти создава совршен контраст на тесните и темни улички од остатокот од градот.
Изработена од стакло и челик, зградата се појавува во калеидоскопска игра на бои, рефлектирана во повеќе од 1.000 квази тули на јужната страна од фасадата. Со цел да се реализираат овие идеи, тимот пред почетокот на градбата користел три-димензионални компјутерски модели, разни техники за дигитална визуелизација и макети.
Светлото и транспарентноста се клучните елементи на зградата. Кристалната структура на фасадата, ја собира светлината и ја рефлектира. Како се менува аголот од кој гледаме накај фасадата, така се менува и нејзиниот израз, а зградата се појавува во различни комбинации на бои.