Како да ја уредите вашата спална соба според Фенг Шуи
Познатата кинеска уметност на уредување простори за живеење Фенг Шуи, се базира на истите принципи како и алтернативната терапија акупунктура. Целта на Фенг Шуи е да се максимизира „qi“ енергијата во околината како би се зголемила вашата безбедност и продуктивност.
Кога би требале да бирате една соба во домот, која ќе биде уредена според Фенг Шуи, тоа би била спалната соба. Спалната соба е најважната соба според оваа филозофија, бидејќи во оваа соба го поминувате најголемиот дел од времето и тука спиете. Вие сте во пасивна состојба кога спиете поради што енергиите повеќе влијаат на вас.
Еве неколку совети како да ја уредите вашата спална соба.
Вашиот кревет треба да биде поставен во позиција, кога лежите во него да сте насочени кон вратата, но да не биде креветот во директна линија со вратата. Избегнете ја позицијата – вашите нозе да покажуваат директно кон неа. Штицата што се наоѓа на едниот крај на креветот, кај главата, не треба да биде поставена до ѕид, зад кој има тоалет.
Штицата на креветот, што се наоѓа од страна на главата, ја претставува стабилноста и поддршката во вашиот живот. Најдобро е да се користи рамна штица во една боја, без празнини или решетки.
Оставете простор на двете страни од креветот. Две ноќни масички се подобри од една, со што се постигнува симетрија. Треба масичките да се надополнуваат и да бидат совршено избалансирани.
Под креветот најдобро е да има празен простор, да нема никакви предмети или фиоки, бидејќи работите под креветот влијаат на вас додека спиете и ја нарушуваат енергијата.
Која боја ќе биде вашата соба зависи од потребите. Ако посакувате страст, додадете некои нијанси на црвена боја. Неутралните бои создаваат опуштена атмосфера. Ако ви е потребно лекување и виталност, можете да пробате со сина и зелена боја.
Полиците за книги како и големо купче од книги немаат место во спалната соба според Фенг Шуи. Една книга која ја читате е дозволено, меѓутоа многу книги можат да го нарушат вашиот сон. Ако сакате да спиете мирно најдете им некое друго место во домот.