Осветлувањето – клучен елемент за создавање на атмосфера во домот
Доколку имате нов дом или едноставно сакате да го освежите Вашето гнездо – секогаш имајте го на ум осветлувањето. Иако не е секогаш во преден план, осветлувањето игра клучна улога во креирање на атмосфера специфична за Вашиот начин на живот. За да се постигне идеалниот баланс, важно е да знаете каков извор на осветлување постои и каква е нивната функција.
Видови на осветлување
Генерално осветлување – тоа е првото и основно осветлување кое се користи за целосно осветлување на просторот. Со тоа на станарите им се овозможува лесно и сигурно движење низ тој простор.
Функционално осветлување – односно светло кое извршува некоја задача. За да одредите поточно што Ви е потребно треба да процените какви активности ќе се одвиваат во просторот (како готвење, читање, пишување и сл.), а со тоа да има и доволно прикладна светлина за нив.
Декоративно акцент светло – професионалните декоратери го употребуваат ова осветлување за да доловат силен визуелен впечаток. Со ова декоративно светло може да се акцентираат разни елементи, како на пример уметнички слики, скулптури, влез или некоја архитектонска карактеристика. Точната комбинација од светла можат комплетно да ја сменат атмосферата во Вашиот дом.
Неколку трикови за осветлување
- Употребете повеќе нивоа на осветлување – односно употребете ги сите 3 видови на осветлувања. Генералното осветлување е добро за основни активности, но не може да биде доволно светло и фокусирано за нешто поспецифично, како на пример читање. Затоа додајте функционални светла. Тие ја насочуваат светлината баш таму кај што Ви треба. А на крај додајте го накитот – декоративното светло. Тие не мора да бидат функционални, но го даваат оној последен уметнички допир.
- Размислете за бојата на сијалицата – може да одберете меѓу нежна бела, студена бела или дневна светлина. Постудените тонови се идеални за канцеларии, но читањето би било малку тешко со нив. Од друга страна потоплите тонови ќе го направат Вашиот дом да изгледа потопол.
- Додадете висечки лустер – ставањето на висечки лустер е одлична одлука доколку сакате да го смените амбиентот, а не сакате да потрошите многу пари. Вообичаено се користат како акцент светла и додаваат на визуелената вредност на просторот.
- Играјте со огледала – удвојте го природното светло во просторот со тоа што ќе поставите огледало на спротивниот ѕид. Исто така може да го максимизирате вештачкото светло со тоа што ќе додадете длабочина со рефлективни површини. Метална масичка под ноќната ламба ќе биде совршен додаток.