Минималистичката архитектура, уметност и дизајн се создадени како производ на различни влијанија, а во европската култура се присутни уште пред неколку векови. Современиот минимализам има 4 различни основи од кои се формира, а тоа се:
- Јапонско влијание (Далечен Исток), зен уметност
- Исламско влијание (Блиски Исток), зен уметност
- Руски стил (Конструктивизам)
- Скандинавски стил (Икеа дизајн)
Мислата „Помалку е повеќе“ е водечка
Екстремната едноставност по правило се комбинира со функционалноста, па преку минимализмот се растоваруваат непотребните декори. Декоративноста кај овој стил на уредување се постигнува со игра на геометриски фигури и светлост.
Кај минималистичкиот дизајн се користат елементи од индустриски и модерен стил – ламби, печки, скали и слично, сведени на рамни компоненти како што се ѕидовите, рамните покриви, но и големите прозорци.
Модерната минималистичка архитектура со отстранување на непотребни внатрешни ѕидови, доведе до популарност на отворениот внатрешен простор, што подразбира поврзаност на кујната и дневната соба (без ѕидови). Овој тип на уредување е најпопуларен и употребуван кај станбени простори со мала квадратура. Целта е да се добие поголем и ослободен простор, поголема светлина. Но, со сите предности, минимализмот има и недостатоци.
Најголемиот недостаток е малиот број елементи за складирање на работите, што е од особена важност за денешно просечно семејство. Затоа, минималистичкиот стил на уредување на многумина им останува неостварена желба.
Сепак, постојат трикови и совети кои ние во продолжение ќе ви ги презентираме, со кои можете да се послужите и да го направите вашиот простор и голем и функционален и секако, да бидете во тренд.
Убавината е во едноставноста
Ако сакате целиот дом да го уредите во овој стил, ви советуваме да започнете просторија по просторија одделно. Најдобро е да започнете со дневната соба, бидејќи тоа е централната просторија во домот во која се поминува најголемиот дел до времето.
Мебел
Заборавете на традиционалниот и гломазен мебел. Одберете елегантен, модерен, со чисти линии, едноставни текстури и светли бои, по можност од природни материјали. Кога се елементите во прашање, потрудете се да бидат ниски, затоа што зафаќаат помалку простор.
Клуб-масичките со полица или фиока под главната плоча на масата се мошне практични. Овој простор ќе ви послужи за оставање на весници, магазини и слично. Наместо столчиња или фотелји, околу клуб-масичките можете да поставите разнобојни табуретки, по можност на отворање, што ќе ви обезбедат простор за складирање работи.
Гарнитурата за седење може да има кутија за постелнина, која можете да ја искористите за складирање на работи кои ретко ги употребувате. На ист начин одберете го и креветот за спалната соба. Површината под него е голема, а не го оптоварува просторот.
Полиците на ѕидот се идеални за минималистичкото уредување, за книги, украси и драги предмети. Полици од овој тип можат да бидат распоредени во сите простории од станот.
Кога се детските соби во прашање, по можност одберете кревети со фиоки. Ако имате големо семејство, а мал простор на живеење и голем недостаток од плакари, идеално би било ѕидовите да ги искористите за плакар со лизгачка врата и тоа по целата должина на ѕидот.
За да се постигне минималистички ефект, предниот дел од плакарите треба да биде во неутрални бои и во бои на ѕидовите. На овој начин ќе ја намалите димензијата на просторијата за 60-тина сантиметри, колку што е отприлика длабочината на плакарот, но ќе добиете огромен простор за складирање облека. Предниот дел на плакарите може да биде и огледален, со што ќе придонесете и за визуелно поголем простор.
Под
Подот треба да е квалитетен и да доминира со просторот. Не го покривајте со килими или теписони со големи димензии. Подот треба да се види. Каков тип на ќе одберете, тоа ќе биде ваша одлука, но пожелно е да има фина текстура и синхронизирани бои.
Ѕидови
Ѕидовите како и подовите треба да се чисти и во светли бои, со поставување на една до две уметнички слики… Како декорација можете да користите и ѕидни ламби, што ќе го направат просторот попријатен, особено во вечерните часови. Еден ѕид оставете да биде гол, слободен, без било каква декорација.
Прозорци
Едноставни, бели прозорци се вистински избор, но и дрвените можат да изгледаат прикладно. Користете венецијанер ролетни или куси завеси во светли бои, што ќе ја следат димензијата на просторот. Никако не ги ставајте во употреба оние до под, и од ѕид до ѕид.
Декорација
Декоративните елементи немаат некоја особено голема улога во дизајнот на минималистичкиот ентериер. Што помалку украси, тоа подобро. Но, важно е да одберете макар еден централен детаљ што ќе внесе посебност и ќе ја намали едноличноста. Тоа може да биде впечатлива слика, интересни тапети, фотографии и слично.