5 начини како да уредите детска соба со мала квадратура

Светот на детската фантазија нема лимит. Па родителите честопати си го поставуваат прашањето, како тој бесконечно шарен универзум да го „соберат“ во неколку метри квадратни и нивната детска соба да ја трансформираат во детско царство.

Секако со добра организација на просторот, дефинирана идеја и комбинација на функционалност и естетика, оваа мисија е возможна.

Гледајте низ очите на вашето дете, користете ја слободата на нивната фантазија, но истовремено задржете го рационалниот пристап. За да ви го олесниме целиот процес, прво би ве посоветувале да уживате во секој момент од уредувањето на собата за вашето дете, а потоа да искористите некој од 5-те практични совети што ви ги посочуваме во продолжение.

 

1.Ѕидовите нека раскажуваат приказни. Искористете тапети со живописни мотиви или со омилените цртани ликови, комбинирајте различни текстури и материјали за релјефен ефект, а притоа елементите кои што ќе ги додадете нека имаат практична функција. На пример осветлувањето нека биде во форма на облачиња, закачалките истовремено нека ја играат улогата на омилените херои од сликовниците, а намест ообично огледало – поставето го во рамка која што ќе асоцира на фигура на омиленото овошје или шумско животно.

 

2.Мултифункционален мебел. Мала масичка на расклопување, кутија за играчки која може да се трансформира во табуретка или фотелја која што може да се користи и како кревет. Во мал простор – мултифункционалниот мебел има голема рационална улога.

 

3.Простор за игра што „се крие“

Во мали соби секој метар квадратен е важен – па размислете за играчки што може да се складираат под креветот, мали шатори кои се виткаат и лесно се чуваат, или подвижни теписи кои ќе означат “игралиште”, а може брзо да се склопат. Исто така, табла за цртање која може да се закачи на ѕид или врата – е совршен пример за креативен простор кој не зазема место.

 

4.Искористете ја висината на собата

Не заборавајте – детската соба не се мери само по ширина. Ѕидните полици, висечки организатори, кревети на спрат или кревети со фиоки долу – овозможуваат складирање на многу работи без да се губи простор за движење. Поставете полици со книги на различни нивоа – нека дел од нив бидат прилагодени на висината на детето.

 

5.Боите како сојузници

Светли тонови (беж, пастелни нијанси, нежно жолта или тиркизна) визуелно го „отвораат“ просторот. Додадете шарени детали преку постелнина, перници или декорации кои лесно се менуваат како детето расте. На овој начин добивате свеж изглед без преголема инвестиција и без визуелен хаос.

 

Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MKМакедонски јазик