CategoriesUncategorized

Бајка која требаше да стане елитна европска оаза, но заврши како најпознатиот напуштен проект на модерната архитектура.

Архитектурата честопати раскажува приказни за успеси, визии, мегаломанија и амбиции. Но, понекогаш таа раскажува и приказни за нереализирани соништа, пропаднати инвестиции и парадокси на современиот урбанизам.

Таков е случајот со БУРЏ АЛ БАБАС во Турција, необичен комплекс од 732 идентични мини замоци, создадени како европска бајка под сонцето на Анадолија.

Денес, тој стои напуштен, страшно тивок, како филмска сцена во која животот исчезнал во еден миг.

Но, зад таа тишина се крие извонредна и многу човечка приказна, приказна за двајца браќа, нивната смела инвестиција, светската економија и судбината на еден мегапроект кој стана светски феномен.

КОЈ ГО ИЗГРАДИ ОВОЈ ГРАД?

Зад оваа приказна стојат двајца браќа, амбициозни визионери од индустријата за недвижнини, Јунус Јерделен и Мехмет Јерделен, турски бизнисмени кои заедно ја водат компанијата Sarot Group.

Sarot Group претходно беше успешна во изградба на термални комплекси, луксузни хотели, приватни вилски населби, велнес и спа центри.

Тие ја избрале областа Мудурну поради термалните извори, кои се сметаат за лековити и со векови привлекуваат локални посетители.

Нивната визија била да создадат европски дворски стил, мини замоци инспирирани од француските и шпанските палати, луксуз достапен за богатите купувачи од Блискиот Исток, Русија, Европа.

Проектот требаше да биде елегантен „мини-Дизни свет“ со приватни џакузи на секој кат, подно греење, тераси и панорамски погледи и сето тоа во срцето на турска шума.

Што прават денес?

По банкротот во 2019-та и долгите судски процеси, компанијата Sarot Group се уште постои. Таа продолжи да работи на помали локални проекти, бара инвеститор за обновување на Бурџ Ал Бабас и е во преговори со странски компании од Катар и Обединетите Арапски Емирати за потенцијално финансирање.

Браќата не се откажале иако проектот е симбол на пропаднато вложување, тие се уште се надеваат на втора шанса.

 

СОН ШТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАПУШТЕН „ДИЗНИ“ ГРАД

Од воздух, Бурџ Ал Бабас изгледа магично, повторување на исти замоци, униформни куполи, сребрени покриви и фонтани што никогаш не профункционирале. Но, кога ќе се прошета човек низ улиците се чувствува тишината. Сите 732 куќички се празни, нема прозорци, нема дворови, нема живот.

Причините за пропаста се повеќе – комбинација од неуспешен државен удар во Турција, терористички напади, економска криза, пандемија, повлекување на 200 милиони долари од инвеститори, банкрот на Sarot Group.

Планот бил секоја вила да има 3-4 нивоа, подно греење, џакузи на секој кат, панорамски тераси, готска фасадна архитектура, приватен сопствен двор, пристап до термален спа-комплекс.

Градот Мудурну е познат по своите природни извори, лековити минерални води, богатата шума,чист планински воздух. Затоа проектот бил замислен како европска бајка на турско тло, перфектна за богатите Руси, Кувајтци, Катарци, Саудиски семејства и европски инвеститори.

Иако е недовршен, проектот стана туристичка атракција. Тој е познат на социјалните мрежи, служи како инспирација за фотографи, инспирира уметници и режисери. Симбол е на современа урбана мегаломанија, и предупредување за ризиците во луксузниот пазар на недвижнини.

Денес, стотици луѓе го посетуваат само за да ја почувствуваат „морничавата бајковитост“ на местото.

Бурџ Ал Бабас можеби никогаш нема да стане она што требало да биде.Но, токму поради тоа, тој е фасцинантен. Тоа е архитектонска лекција за сите инвеститори, визионери и креативци дека големите идеи бараат многу повеќе од големи соништа, бараат стабилност, време и правилен миг во историјата.

И токму затоа ова место останува единствено во светот.

Елена Лука
Автор: Елена Лука

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

💬
mk_MK